Ризница на знаење

Предности на дрвениот под – Својства на дрвото

Цврстина

Вообичаено се вели дека дрвото има поголема цврстина ако има поголема густина. Методот што често се користи за утврдување на цврстината на дрвениот под е таканаречениот Brinell метод. Топче од тврд метал се втиснува во површината на дрвото со дефинирана сила и потоа се мери отпечатокот на површината. Со оваа постапка се испитува отпорноста на точкасто оптоварување.

За површини што се изложени на поголемо оптоварување, како на пример паркет за сали за танц, се користи потврдо дрво. Потврди дрва се дабот, буката, јаворот, јасенот и разни тропски видови.

Отпорност на абење

И кај ова својство на дрвото цврстината има голема улога. Колку е површината на дрвото погуста, толку е поотпорна на абење. Бидејќи самото дрво има завршна обработка, треба да се внимава и премазот со кој се обработува да има соодветна отпорност на абење. Цената на паркетот се зголемува, но тоа е предуслов за трајноста на дрвениот под.

Отпорност на лизгање

Кај подовите во станбени простори и во сали за танц, својството на лизгање е во одредена мера дозволено и пожелно. За простори како хотели, болници, училишта, училници, театри, мултимедијални центри, канцеларии, продавници, ресторани, стоковни куќи – практично во сите објекти од јавна намена подовите мора да бидат безбедни за одење. На ниво на ЕУ, за простори што се од јавна намена и служат за работење постои пропис BGR 181 (3). Барањата што се однесуваат на подовите во спортски сали се дефинирани според DIN V 18 032-2. Овие подови мора да бидат безбедни за одење и не смеат да се лизгаат. За да се постигнат вакви својства, постојат разни видови средства за нега и третирање на површините.

Звучна изолација

Од една страна разликуваме ударна бучава, која се пренесува преку ѕидовите и подовите во соседните простории, а од друга страна бучава што се шири низ воздухот. Со говор и разни извори на звук настанува звук кој се шири во просторот и се рефлектира или апсорбира на градежните елементи, мебелот и декорациите. Својствата на површината се одлучувачки кога станува збор за просторната акустика: мазните и тврди површини како паркетот го рефлектираат звукот, меките и структурирани го впиваат, така што оптимумот се постигнува со комбинација на дрвени подови за куќата и текстил.

Лепениот паркет, во споредба со таванот, подеднакво го пренесува звукот во соседната просторија. Со пловечки подови, особено со вградени елементи што имаат изолациски својства, може да се подобри заштитата од бучавата од чекори.

Спроведување на топлина

Коефициентот на топлинска спроводливост λ кај различни видови дрво се движи помеѓу 0,10 и 0,20 W/mK. Вредностите што се земаат во пресметката, според DIN 4 108, за листопадните видови се 0,20, а за иглолисните видови 0,13 W/mK. Иако дрвото релативно добро ја задржува топлината, па ваквите подови се нарекуваат топли, коефициентот на топлинска спроводливост е сè уште во доменот паркетот да може да се поставува на подно греење, односно кога топлинската отпорност не е поголема од 0,15m2K/W. Во принцип е можно сите видови паркет да се постават на естрих со подно греење. За овие потреби се користи паркет со помала дебелина. Цените на паркетите со помала дебелина се пониски.

Создавање фуги

Паркетот се доставува и вградува со средна влажност на дрвото што одговара на собна клима од 20 до 22°C со релативна влажност на воздухот од околу 50%. Во лето релативната влажност на воздухот е најчесто повисока, а во зима пониска. Поради ова се менува и влажноста на дрвото, со што доаѓа до промена на обликот на паркетот: во лето паркетот набабрува, а во зима го намалува волуменот, па може да дојде до создавање фуги. Тоа е нормално! Создавањето фуги може да се ограничи ако во зима просториите доволно се проветруваат. Фурнираните паркет лајсни од меко дрво нема да се криват и одлепуваат како масивните.

Својство на впивање вода

Својството на впивање вода на дрвото зависи од брзината на впивање на влагата низ дрвото. Дрвото со поголема брзина на впивање влага има повеќе празнини помеѓу своите влакна, кои во природната форма на дрвото служеле за складирање вода. Ова својство доведува до тоа дрвото побрзо да се суши, но му дава и поголема можност за впивање. Од една страна, со ова може да се заштеди време кај површинскиот премаз на паркетот, бидејќи времето помеѓу работните чекори е пократко. Од друга страна, може да дојде до брзо и нерамномерно сушење (особено при нанесување со шпахтла). Од овие причини се препорачува видовите дрво со поголема впивливост (на пр. бука, јасен, ариш) да се премачкуваат со валјак.

Запаливост

За дрвените подови важат поинакви стандарди од областа на противпожарната заштита отколку за ѕидовите и тавани. Пламенот на овој вид под помалку се шири. Општо гледано, дрвото според DIN 4102-4 се класифицира како нормално запалив материјал, додека дабовиот стапчест паркет според DIN EN 13 226 и мозаик ламелите паркет се класифицираат како тешко запалив материјал (B1). Аналогно, ова важи и за другите видови паркет од даб со корисен слој од најмалку 8mm.

Еколошки аспекти

Паркетот позитивно делува на сите човечки сетила. Се произведува со мала потрошувачка на енергија и од обновливи суровини. Современите лепила и средства со кои се третира површината не содржат, или имаат многу мал процент растворувачи или формалдехид. Лицата склони кон алергии предност им даваат на површините од паркет на кои најмалку се собира прашина, за во просторот да има што помалку грини и алергени. Земете го предвид овој аспект кога ќе помислите дека цената на паркетот или дрвениот под е висока.

Ви предлагаме да погледнете

Ризница на знаење